Даскаловски

Зошто родителството денес изгледа потешко од порано?

Современите родители честопати се чувствуваат преоптоварено, исцрпено и постојано „на должност“. Иако секоја генерација имала свои предизвици, денес родителството изгледа како работа со полно работно време, три прекувремени смени и ниту еден слободен ден. Но, дали децата се промениле или ние? Дали навистина е потешко да се биде родител денес, или, само начинот на кој го живееме и разбираме родителството е променет?

Современите истражувања покажуваат дека денешните родители трошат многу повеќе време и енергија на своите деца отколку претходните генерации. На пример, татковците денес поминуваат повеќе од седум часа неделно во директна грижа околу децата, што е двојно повеќе од 1970-тите. Слично, обврските на мајките се зголемија експоненцијално, со што модерното родителство станува трета работа, а понекогаш и четврта.

Но, децата не се промениле. Ние сме се смениле.
Нашиот модерен пристап кон родителството, перфекционизмот, стравот да не направиме грешка, притисокот децата да бидат „најдобри“ и постојано ангажирани  ги претвори децата во товар наместо во природен дел од семејниот живот.

Tatko_vrzuva_vrvki

Еден од начините да го намалите чувството на преоптовареност е да ги намалите активностите во кои ниту вие, ниту вашите деца не уживате. Дозволете им на децата да се откажат од активности што не ги радуваат дури и ако вие сте ги запишале со најдобра намера.

Многу родители живеат со верувањето:
„Ако си дадам одмор, ќе го запоставам моето дете.“
Ова е мит.
Вистината е дека одморениот родител е подобар родител. А природата секогаш го прави своето – децата растат, напредуваат и развиваат сопствен пат, дури и кога ние не сме идеални.

Родителството понекогаш изгледа како бесконечна обврска, но тоа е само фаза. Детството е кратко, но децата траат цел живот. Со текот на времето, придобивките од родителството се зголемуваат. Она што денес делува тешко  како будењата, обврските, хаосот,  утре се претвора во спомени.

Родителството денес е потешко не затоа што децата станале покомплицирани, туку затоа што нашите стандарди, нашите стравови и нашите очекувања станале превисоки. Кога ќе се откажеме од перфекционизмот и од идејата дека сè мора да биде „правилно“, родителството станува многу полесно, потопло и поприродно.

На крајот, на децата не им требаат совршени родители, туку доволно добри родители кои ги сакаат, разбираат и им дозволуваат да растат на свој начин. И колку повеќе ние се опуштиме, со граници и нивна доследност, толку повеќе ќе уживаме во оваа најважна животна улога.

Поврзани теми

Scroll to Top